Во организација на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап информациите од јавен карактер, во просториите на Комисијата продолжи планираната серија обуки на тема „Слободен пристап до информации од јавен карактер“.Обуката ја реализираа стручни предавачи од Секретаријатот на Комисијата, а на неа присуствуваа 18 новоназначени службени лица, како и лица кои досега од различни причини не посетувале обука или пак побарале дополнителна едукација, од градинки, основни и средни училишта и од ученички домови од Скопје и околните општини.
Идентично со претходните и оваа едукативна средба ја покрива целта на подигнување на јавната свест и степенот на запознаеност на имателите на информации со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и обврските кои за нив произлегуваат од него, како и начинот на остварување на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер.
Покрај историјатот, развојот на правото на слободен пристап до информации и законската легислатива, на присутните службени лица им беа претставени во детали и постапката по барање информација од јавен карактер, текот на жалбената и прекршочна постапка, како и начинот на подготовката на Годишниот извештај, како законска обврска на имателите.
На обуката беа анализирани актуелни примери на постапување од праксата, при што одделни службени лица преку проактивно учество, изнесоа свои видувања и ставови за тоа како би постапиле во дадените ситуации.Обуките во просториите на Комисијата продолжуваат на 20.10.2016 година, со обука наменета за службени лица во институции и установи со различни дејности.