Во просториите на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, на 1-ви и 2-ри февруари со поддршка на инструментот TAIEX на Европската Комисија, се одржа „Експертска мисија за спроведување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер“. Покрај експертот од одделението за инспекциски надзор и контрола при Министерството за внатрешни работи на Република Чешка Петр Славичек, членовите на Комисијата и вработените во нејзиниот Секретаријат, во реализацијата на овој настан партиципираа и претставници од Министерството за правда на Република Македонија и претставник од Факултетот за безбедност во Скопје. Целта на експертската мисија беше да и обезбеди на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер најдобри практики за ефикасно спроведување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.



Настанот го отвори претседателот на Комисијата, д- Ѓорги Сламков, кој се осврна на значењето на Комисијата, нејзината мисија, надлежностите, нејзиното функционирање и спроведувањето на Законот.
Говорејќи за правните аспекти и спроведувањето на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер во неговата земја, експертот од Чешка, се задржа на примената на одредбите кои се однесуваат на имателите на информации, надлежностите за спроведување на Законот, казнените одредби, како и на меѓуинституционалната соработка меѓу субјектите кои активно работат на проблематиката од сферата на слободниот пристап до информациите од јавен карактер. Експертот Петр Славичек во својата експликација се осврна на сличностите и разликите помеѓу законите на двете држави.
Исто така, низ практични студии на случаи, експертот изнесе искуства за спроведувањето, односно неспроведувањето на законот во неговата земја, надлежностите од аспект на исклучоците, паричните казни, санкции и други мерки, како и на транспарентоста, отчетноста и проактивното објавување на информациите во Чешка
Во завршниот дел експертот презентираше и мерки за траспарентност како и активности за проактивно објавување на информации од јавен карактер.