Во рамките на планираните заеднички активности предвидени во Проектот “Поддршка на пристапот до правото на заштита на личните податоци“, што се финансира од ИПА ТАИБ 2012 програмата, на 26 и 27 октомври 2016 година, во хотелот Сириус во Струмица, се одржа првата регионална работилница на тема ,,Промоција на двете права – правото на слободен пристап до информации од јавен карактер и правото на заштита на личните подадоци“. Активноста е впишана во условите за работа А8.1  (ТОR); организирање на регионални работилници/јавни форуми со цел промоција на двете права: правото на слободен пристап до информации од јавен карактер и заштита на личните податоци, како основни човекови права.
Покрај членовите на работните групи од Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер и од Дирекцијата за заштита на личните податоци, на Работилницата учествуваа 18 претставници (службени лица за постапување по барањата за пристап до информации од јавен карактер и офицери за заштита на личните податоци) вработени во државни институции и јавни претпријатија, од десет градови од источна Македонија.
 Работилницата беше отворена со презентација на господинот Јернеј Ровшек, клучен експерт од правната област на Проектот и поранешен заменик народен правобранител на Република Словенија одговорен за заштитата на личните податоци. Со презентација се претстави г-дин Ендре Сабо, заменик претседател на Унгарската национална дирекција за заштита на личните податоци и слобода на информации. Двајцата претставници со присутните споделија покарактеристични искуства и примери од постапувања по двете законски загарантирани права во нивните земји по што следеше и дискусија во врска со наведените теми.
Со презентации настапија и претставниците од двете домашни институции – Мануела Станоевска Стоилковска (ДЗЛП), Цветан Станоески (КОМСПИ), Јорданка Стојкова (КОМСПИ) и Марјана Планојевиќ (ДЗЛП).
Во делот за дискусија по наведената тема со службените лица за посредување со информации од јавен карактер, активно учество имаше и Цвета Трајковска, член на работната група за спроведување на ИПА проектот.