Членот на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер Валентина Фиданоска и Цвета Трајковска, раководител на одделение во Секретаријатот на Комисијата, на покана на Македонскиот центар за меѓународна соработка, денеска присуствуваа на Конференција “Отворени податоци за трошење на јавните средства- искуства од регионот и состојбата во Македонија“.
Целта на конференцијата беше да се споделат позитивните искуства од регионот и да се отвори поширока дискусија за потребата од отворање на податоците за трошење на јавните средства од Буџетот на Република Македонија.
Конференцијата уште еднаш ги отвори прашањата за тоа како и колку граѓаните може да се информираат како се трошат нивните пари, колку се отворени податоците за Буџетот на Република Македонија, што се прави за подобро информирање на јавноста и слично.
Во воведниот дел претставникот на Министерството за информатичко општество и администрација истакна дека во Македонија граѓаните и бизнис секторот имаат можност за слободен и бесплатен пристап до информации од јавен карактер без технички или законски ограничувања преку порталот www.otvorenipodatoci.gov.mk. Ова е иновативен начин на искористување на податоците кои можат да покажат долгорочна вредност. Со тоа се обезбедува поголема транспарентност во функционирањето на институциите, поголема ефикасност на администрацијата и реискористување на податоците.