Членот на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, Валентина Фидановска и стручните предавачи од Секретаријатот Цветан Станоески и Макфирете Морина Суљемани, денеска престојуваа во работна посета на Стоматолошкиот Факултет при Универзитетот “Св.Кирил и Методиј“- Скопје. Притоа, беше разговарано за можноста за одржување на предавања за студентите, професорите и вработените лекари-стоматолози во врска со спроведувањето на Законот и неговото користење како алатка за пристап до информации од јавен карактер.
Предавањата всушност ќе значат почеток на практичната реализација на Меморандумот за соработка, кој во името на двете институции го потпишаа претседателот на Комисијата Пеце Ташевски и деканот на Стоматолошкиот Факултет, проф.д-р Љубен Гугувчевски. Согласно овој документ, двете институции во рамките на својата примарна дејност се обврзаа да делуваат и соработуваат во насока на подигнување на јавната свест и степеност на запознаеност на студентите со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, како и можностите кои произлегуваат од него.
Во иднина соработката ќе се одвива и преку реализација на други активности или проекти од взаемен интерес.