Денеска во просториите на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап информациите од јавен карактер, беше организирана обука на тема „Слободен пристап до информации од јавен карактер и практична примена на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер“.Обуката ја реализираа Цвета Трајковска и Јорданка Стојкова, стручни предавачи од Секретаријатот на Комисијата. На оваа едукативна средба присуствуваа петнаесетина новоназначени службени лица задолжени за посредување со информации од јавен карактер од образовни установи, јавни претпријатија, институции од сферата на судската власт, како и правни физички лица кои вршат јавни овластувања .
Обуката е во функција на подигнување на јавната свест и степенот на запознаеност на имателите на информации со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и обврските кои за нив произлегуваат од него, како и начинот на остварување на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер.
Покрај историјатот, развојот на правото на слободен пристап до информации и законската легислатива, на присутните службени лица им беа претставени во детали и постапката по барање информација од јавен карактер, текот на жалбената и прекршочна постапка, како и начинот на подготовката на Годишниот извештај, како законска обврска на имателите. На обуката беа анализирани и примери од праксата, при што службените лица преку проактивно учество, изнесоа свои видувања и ставови за тоа како би постапиле во дадените ситуации.