Monday413752Директорот на Канцеларијата за односи со јавност при Канцеларијата на претседателот на Владата на Република Косово, Аријанит Битиќи и Заменик-претседателот на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер на Република Македонија, Блерим Исени,  денеска во Приштина  потпишаа Меморандум за соработка во областа на заштитата на правото на слободен пристап на информации од јавен карактер .

Во документот, меѓу другото, е зацртан развој на националните законодавства преку размена на искуства со европски  и меѓународни стандарди, учество во ” twinning ” проекти и преземање мерки и активности за развивање на капацитетите на државната служба преку програми финансирани од страна на Европската комисија, информирање на јавноста за европските искуства, популаризација на достигнувањата на двете страни на планот на слободниот пристап, како и зајакнување на билатералната институционална комуникација.

Соработката ќе се реализира преку размена на информации за законодавството и праксата во областа на слбодниот пристап, организирање на заеднички обуки од страна на експерти од сферата на слбодниот пристап, преку организирање на студиски посети, семинари, работилници, тркалезни маси, конференции , со учество на експерти и службени лица од двете страни, како и соработка при реализацијата на истражувачки проекти.

Поздравувајќи го потпишувањето на Меморандумот, господинот Аријан Битиќи ја акцентираше определбата на Владата на Република Косово за промовирање на транспарентноста и доброто владеење. Тој рече дека Канцеларијата со која раководи има изготвено  програма во која се содржани мерки што треба да се преземат од страна на институциите за целосно спроведување на Законот за пристап до јавни документи.

Заменик-претседателот на Комисијата, Блерим Исени ја истакна посветеноста на Комисијата во нејзината мисија да го гарантира правото на пристап до информации од јавен карактер за граѓаните на Македонија, и  додаде дека соработката и размената на искуства меѓу Косово и Македонија , но исто така и со  други земји во регионот, е во функција на зајакнување на вредностите на демократскиот поредок во овој дел од Европа.