Со пригоден настан кој ќе се одржи на 28 Септември 2016 година (среда), во конференциската сала на City hall во Скопје, со почеток во 12 часот, Комисијата за заштита на правотo за слободен пристап до информациите од јавен карактер ќе го одбележи 10 годишниот јубилеј од своето основање.Со одржувањето на оваа свеченост токму на 28 Септември, Комисијата ќе даде свој конкретен придонес и во одбележувањето на Меѓународниот ден за слободен пристап до информациите од јавен карактер, кој се одвива под мотото „Имам право да знам“, а го симболизира глобалното движење во светски рамки за промоција на правото на пристап до информациите.
За 10 годишните остварувања и изминат пат на Комисијата, воведно обраќање ќе има Претседателот на Комисијата за заштита на правотo за слободен пристап до информациите од јавен карактер, д-р Ѓорги Сламков. Пред присутните се очекува да се обратат и Претседателот на Собранието на Република Македонија, г-дин Трајко Вељаноски, заменик министерот за правда во Владата на Република Македонија, г-ѓа Билјана Бришкоска – Бошковски, Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Амбасадорот Нина Суомалаинен, Постојаниот координатор на ОН и Постојан претставник на УНДП, г-ѓа Луиза Винтон, како и Раководителот на Одделот за оперативни работи при Делегацијата на ЕУ во Република Македонија, г-дин Јаромир Левичек.
Покрај овие активности, согласно Агендата, предвидено е и потпишување на меморандуми за соработка на Комисијата со Мисијата на ОБСЕ и со УНДП, по што ќе следат и изјави за медиумите.