На 28 септември 2010 година по осми пат во светот ќе биде одбележан меѓународниот ден за слободен пристап до информации „ИМАМ ПРАВО ДА ЗНАМ”. Во Македонија која е една од 80-тината земји во светот што имаат Закон за слободен пристап до информациите од јавен карактер, Комисијата за заштита на правото за слободен пристап по четврти пат го одбележува фундаменталното право на слободен пристап до информации од јавен карактер. Претставници на невладини организации од целиот свет, меѓу кои и од Македонија, лобисти и бранители на идејата за слобода во информирањето, на состанок одржан на 28-ми септември 2002 година во Софија Бугарија, формираа Мрежа на бранители на слободата во информирањето. Притоа е договорена соработка за промоција на правото на пристап до информации, како и на планот на транспарентно работење на органите и институциите кои поседуваат информации од јавен карактер. Основни цели на мрежата се промоција и усвојување на законите за слободен пристап до информациите од јавен карактер во земјите каде што недостасува таква легислатива, како и поддршка во спроведувањето на законите во земјите кои веќе имаат таква легислатива во оваа област. На овој состанок е предложено 28 септември да биде прогласен за меѓународен ден „ИМАМ ПРАВО ДА ЗНАМ”, кој ќе го симболизира глобалното движење за промоција на правото на пристап до информациите. |