Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер на 7 јули во Клубот на пратеници во Скопје, одржа проширен состанок. Покрај членовите на Комисијата, на состанокот присуствуваа претставници на невладини организации од областа на медиумите и информирањето, како и претставници на меѓународните организации и институции со седиште во Република Македонија.
Притоа, беше промовирано Упатството за имплементација на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, а стана збор и за останатите активности и идните приоритети на Комисијата.
Од воведните напомени и од расправата произлезе дека во претстојниот период акцентот треба да биде ставен врз реализацијата на потребната обука на членовите на Комисијата, на нејзината стручна служба, но и на обуката на имателите на информации. „Заради остварување на овие цели, наш приоритет ќе биде обезбедувањето на квалитетна едукација и на едукатори, преку воспоставување на добри релации особено со оние кои имаат искуство во оваа сфера” , подвлече претседателот на Комисијата Јанко Николовски.
Едукацијата на барателите на информации пак е замислена како широка и долгорочна акција која што ќе се реализира преку одружување на семинари, печатење на брошури, прирачници и слично.
Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер е донесен на 1 февруари годинава, а треба да почне да се применува од 1 септември.