Во организација на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“денеска во просториите на Академијата се одржа советување на тема „Примена на законот за слободен пристап до информации од јавен карактер“. Во рамките на советувањето, стручните предавачи од Секретаријатот на Комисијата Јорданка Стојкова и Цвета Трајковска, одржаа предавање за 20-те присутни службени лица кои постапуваат по барањата за слободен пристап до информации од јавен карактер, од обвинителствата од сите апелациони подрачја во Република Македонија.

Предавањето беше во функција на подигнување на јавната свест и степенот на запознаеност на имателите на информации со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и обврските кои за нив произлегуваат од него, како и начинот на остварување на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер. Преку power point презентација учесниците на советувањето беа запознаени со историјатот, развојот на правото на слободен пристап до информации, законската легислатива, со постапката по барање информација од јавен карактер, текот на жалбената и прекршочна постапка, како и со начинот на подготовка на Годишниот извештај, како законска обврска на имателите.

Советувањето мина со проактивно учество на службените лица од споменатиот сегмент на судската власт, при што беа презентирани и разгледани повеќе конкретни примери од работата на Комисијата, кои се однесуваа на постапување по барања доставени до обвинителствата. Притоа учесниците изнесуваа свои гледишта и ставови за тоа како би постапиле во дадените ситуации.
Посебен акцент беше ставен на тестот на штетност, односно на неговата правилна и принципиелна примена, пред да биде донесено Решение за одбивање на пристапот.