Стручните предавачи во Секретаријатот на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап информациите од јавен карактер, Цветан Станоески и Макфирете Морина Суљејмани, денеска во просториите на Комисијата одржаа обука за службени лица на тема „Слободен пристап до информации од јавен карактер“. На обуката присуствуваа 14 новоназначени службени лица, како и лица кои досега од различни причини не посетувале обука или пак побарале дополнителна едукација, од десет државни органи и институции, јавни претпријатија, здравствени установи, органи на судската власт, инспекторати, фондови, заводи и институти.
Обуката е во функција на подигнување на јавната свест и степенот на запознаеност на имателите на информации со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и обврските кои за нив произлегуваат од него, како и начинот на остварување на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер.
Покрај историјатот, развојот на правото на слободен пристап до информации и законската легислатива, на присутните службени лица им беа претставени во детали и постапката по барање информација од јавен карактер, текот на жалбената и прекршочна постапка, како и начинот на подготовката на Годишниот извештај, како законска обврска на имателите. На обуката беа анализирани и примери од праксата, при што службените лица преку проактивно учество, изнесоа свои видувања и ставови за тоа како би постапиле во дадените ситуации.
На 30 мај двајца претставници од Секретаријатот на Комисијата ќе одржат предавање и во рамките на советувањето на тема „Примена на законот за слободен пристап до информации од јавен карактер“, во организација на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“. Советувањето е наменето за лицата кои постапуваат по барањата за слободен пристап до информации од јавен карактер, од сите обвинителства во Република Македонија.