Раководителот на одделение во Секретаријатот на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер Цвета Трајковска, и помладите соработници Оливер Серафимовски и Александра Стојановска, учествуваа во работата конференцијата ,,Отворено владино партнерство-дијалог со граѓанските организации за Националниот акциски план 2016-2018″, што се одржа на 23-24 март, во организација на проектот ТАКСО (Техничка поддршка за граѓанските организации) и Министерството за информатичко општество и администрација.
Целта на дводневната конференција беше да ја промовира иницијативата Отворено владино партнерство меѓу граѓанските организации и подетално да ги информира за остварениот прогрес, да создаде простор за дискусија меѓу граѓанските организации и владините институции за искуствата и предизвиците во спроведувањето на вториот акциски план и да им овозможи на граѓанските организации да дадат насоки и препораки за дизајнирањето на следниот акциски план.
Конференцијата ја отворија министерката за информатичко општество Марта Арсовска Томовска и евроамбасадорот Аиво Орав. Министерката Арсовска Томовска во своето излагање истакна дека отвореното владино партнерство помага за унапредување на транспарентноста и отчетноста кај државите и има силно влијание врз иновациите, развојот и конкурентноста.
Амбасадорот Орав укажа на важноста на Отвореното владино партнерство од аспект на подобрување на транспарентноста на институциите и нивната соработка со граѓаните, додавајќи дека таквите заложби треба да продолжат и со новиот, трет Акциски план.
Оливер Серафимовски, како заменик координатор на Приоритетот 3. Слобода на информации, даде пресек на постигнувањата од приоритетната област во севкупниот прогрес во спроведувањето на Националниот акциски план 2014-2016 година.
Новиот Акциски план Министерството за информатичко општество и администрација го подготвува преку проектот „Техничка поддршка за граѓанските организации „ТАКСО“, финансиран од ЕУ.
Отвореното владино партнерство (ОВП) е меѓународна платформа чија цел е да се обезбеди поголема отвореност и одговорност од владите кон граѓаните, а на која Македонија се приклучи во 2011 година.