Во Информативниот центар на ЕУ во Скопје денеска беа претставени резултатите од Извештајот на СИГМА за мерењето на основите. Домаќини и говорници на средбата со претставници на јавни институции во Република Македонија беа: Карен Хил, раководител на СИГМА; Мирослава Боричка, координатор за земјата и виш советник, Маријан Лемке, виш советник за јавни набавки и Јухани Лемик, виш советник за обезбедување услуги и отчетност.

На нивна покана на настанот присуствуваа Заменик претседателот на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, Блерим Исени и советниците во Секретаријатот на Комисијата, Цветан Станоески и Реџебие Бељули.
На средбата, како области земени како предмет на оценување беа посочени: Обезбедувањето на услуги и јавните набавки, за кои извештаите ќе бидат објавени идната есен. Во таа насока говорниците нагласија дека „системот за јавните набавки се има оддалечено од усогласеноста со законодавството на ЕУ“, дека е „потребно да се изработи нова Стратегија за Реформата на јавната администрација, како и веродостојна и корисна Фискална стратегија“.
Исто така, беше истакнато дека спроведувањето на рамката за отчетност сè уште претставува предизвик, а особено обезбедувањето на пристап до информации и јавната одговорност, односно е дадена забелешка дека „воспоставени се правни гаранции на пристапот до информации од јавен карактер, но практичното спроведување на правото на пристап до информациите е комплицирано… Владата треба да обезбеди повеќе институции да објавуваат информации од јавен карактер“.