Во просториите на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап информациите од јавен карактер, денеска се одржа обука на тема „Слободен пристап до информации од јавен карактер и практична примена на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер“, на која учествуваа десетина новоназначени службени лица. Обуката ја реализираа Цветан Станоески и Макфирете Морина Суљејмани, стручни предавачи од Секретаријатот на Комисијата, а на неа присуствуваа лица задолжени за посредување со информации од јавен карактер од министерства, агенции, фондови, акционерски друштва во државна сопственост, како и од јавни установи.
Обуката е во функција на подигнување на јавната свест и степенот на запознаеност на имателите на информации со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и обврските кои за нив произлегуваат од него, како и начинот на остварување на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер.
Покрај историјатот, развојот на правото на слободен пристап до информации и законската легислатива, на присутните службени лица им беа претставени во детали и постапката по барање информација од јавен карактер, текот на жалбената и прекршочна постапка, како и начинот на подготовката на Годишниот извештај, како законска обврска на имателите. На обуката беа анализирани и примери од праксата, при што службените лица преку проактивно учество, изнесоа свои видувања и ставови за тоа како би постапиле во дадените ситуации.