Петнаесет новоназначени службени лица задолжени за посредување со информации од јавен карактер од повеќе државни институции, јавни претпријатија и установи, здравствени установи и општини, беа присутни на денешната обука на тема „Слободен пристап до информации од јавен карактер и практична примена на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер“. Обуката се одржа во просториите на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап информациите од јавен карактер, а ја реализираа стручните лица од Секретаријатот на Комисијата Цвета Трајковска и Јорданка Стојкова.
Обуката има за цел подигнување на јавната свест и степенот на запознаеност на имателите на информации со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и обврските за имателите на информации кои произлегуваат од него, како и начинот на остварување на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер.
Покрај историјатот, развојот на правото на слободен пристап до информации и законската легислатива, на присутните службени лица им беа претставени во детали и постапката по барање информација од јавен карактер, текот на жалбената и прекршочна постапка, како и начинот на подготовката на Годишниот извештај, како законска обврска на имателите. За време на обуката беа анализирани и примери од праксата, при што службените лица преку проактивно учество, изнесоа свои гледишта и ставови за тоа како би постапиле во дадените ситуации.