Студентите Марјан Николовски и Бојан Јевтимов од Факултетот за информациско-комуникациски технологии при Прв приватен универзитет ФОН кои работеа на практичната реализација на проектот „Фабрика на знаење“, во просториите на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, извршија јавна презентација на две апликации, кои ќе значат поддршка и усовршување на информатичкиот систем на Комисијата. 20150904_153749
Всушност, станува збор за софтвер наменет за интерна употреба од страна на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер. Ова софтверско решение се состои од две апликации, од кои првата е креирана за поедноставно и попрецизно распределување на предметите на вработените, за преглед на жалбите и спроведување на процесот на аналитика и анализа, за внесување на податоци во базата, како и за овозможување на увид во делот за тоа кој постапувал по одделен предмет. Исто така, апликацијата ќе биде функција на попрецизно водење на евиденција за присуството на вработените, како и за поцелосно и подетално евидентирање на податоци за имателите на информации.
Втората апликација е наменета за внесување на податоци за предметите по кои одлучува Комисијата и тоа жалби, тужби, барања упатени до Комсијата во својство на имател на информации, претставки и предлози. Во двете апликации основен јазик за внесување е македонскиот јазик.
Согласно претходно потпишан Меморандум за соработка со Комисијата, за реализација на доверените задачи, Прв приватен универзитет ФОН од своја страна формира два тима А и Б, со студенти од повеќето факултети во негов состав, кои беа менторирани од наставен кадар, а избрани од Координативното тело на проектот. Нивна задача беше доставените предлози од Комисијата, врз база на претходно утврдени потреби да ги преточат во идејни решенија и апликации, со цел да се олесни работењето на Комисијата, а воедно и да се придонесе за афирмација на правото за пристап до информации од јавен карактер.
Според координаторот на проектниот тим на Комисијата, Валентина Фидановска, во посебното луксузно издание кое ФОН планира да го печати, ќе биде поместена и соодветна маркетиншка поддршка на дејноста на Комисијата, што ќе придонесе таа да стане уште поблиска и попрепознатлива од страна на граѓаните.