IMG_0886 (3)Со учество на одговорни и службени лица од неколку општини и од дел на централната администрација во Република Македонија, денеска во хотелот „Оаза“ во Штип, се одржа третата  од вкупно шесте планирани  работилници, во организација на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер и Мисијата на ОБСЕ во Скопје. Обуката треба да придонесе за побрзо постапување и одговарање на барањата за пристап до информации, од страна на претставниците на администрацијата а воедно и за поитно и потранспарентно пласирање на информациите во јавноста. 

Стручните лица од Секретаријатот на Комисијата, Цветан Станоески и Макфирете Морина Суљејмани, со помош на power point презентација, ги запознаа присутните на обуката  со законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, односно со можностите кои произлегуваат од него за барателите на информации од јавен карактер, како и со обврските и должностите кои произлегуваат од него за имателите на информации.

Во функција на потемелно запознавање со наведеното човеково право, утврдено во Уставот на Република Македонија и во Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, на учесниците им беа поделени постери, флаери и брошури „До информација“, кои се резултат на повеќегодишната соработка меѓу Комисијата и Мисијата на ОБСЕ во Скопје и примероци од брошурата насловена „Ти имаш право да знаеш“, производ на Европското здружение на студентите по право во Република Македонија – ЕЛСА во рамките на USAID проектот за јакнење на судството, стручно помогнат од страна на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер.