Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер и Мисијата на ОБСЕ во Скопје, денеска во хотелот „Хилтон“ во Гостивар, продолжија со реализација на планираните шест работилници за обука на одговорните и службените лица од повеќе општини и од дел на централната администрација во Република Македонија. На втората Работилница беа поканети и присуствуваа одговорни и службени лица од неколку општини од западниот дел на Република Македонија.
Присутните, преку соодветна power point презентација, беа запознати со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, односно со можностите кои произлегуваат од него за барателите на информации од јавен карактер, како и со обврските и должностите кои произлегуваат од него за имателите на информации. Обуката ја спроведоа Цветан Станоески и Макфирете Морина Суљејмани, предавачи од Секретаријатот на Комисијата.
На учесниците на работилницата им беа поделени флаери и брошури „До информација“, кои се резултат на повеќегодишната соработка меѓу Комисијата и Мисијата на ОБСЕ во Скопје, како и примероци од брошурата насловена „Ти имаш право да знаеш“, производ на Европското здружение на студентите по право во Република Македонија – ЕЛСА во рамките на USAID проектот за јакнење на судството, стручно помогнат од страна на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер.
Годинава ќе бидат одржани уште четири Работилници, односно обуки со кои ќе бидат опфатени околу 60 локални и централни државни институции, чии претставници ќе бидат тренирани како побрзо да постапуваат и одговараат на барањата за пристап до информации, како и за начините за побрзо и потранспарентно пласирање на информациите во јавноста.