Денеска во хотелот „Арка“ во Скопје, Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер и Мисијата на ОБСЕ во Скопје, почнаа со реализација на планираните шест работилници за обука на одговорните и службените лица од повеќе општини и од дел на централната администрација во Република Македонија.IMG_20150602_104233 На првата работилница беа поканети и присуствуваа претставници од неколку скопски општини.
Настанот беше организиран и изведен во рамките на неодамна потпишаниот Меморандум за соработка меѓу Комисијата и Мисијата на ОБСЕ во Скопје за 2015 година, кој означува четиригодишен континуитет на воспоставената плодна соработка меѓу двете институции.
Во текот на 2015 година со шесте работилници, односно обуки ќе бидат опфатени околу 60 локални и централни државни институции, чии претставници ќе бидат тренирани како побрзо да постапуваат и одговараат на барањата за пристап до информации, како и за начините за поитно и потранспарентно пласирање на информациите во јавноста.
Цветан Станоески и Макфирете Морина Суљејмани, предавачи од Секретаријатот на Комисијата, преку соодветна power point презентација, присутните ги запознаа со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, односно со можностите кои произлегуваат од него за барателите на информации од јавен карактер, како и со обврските и должностите кои произлегуваат од него за имателите на информации.
На учесниците на работилницата им беа поделени флаери и брошури „До информација“, кои се резултат на повеќегодишната соработка меѓу Комисијата и Мисијата на ОБСЕ во Скопје, како и примероци од брошурата насловена „Ти имаш право да знаеш“, производ на Европското здружение на студентите по право во Република Македонија – ЕЛСА во рамките на USAID проектот за јакнење на судството, стручно помогнат од страна на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер.