Делегација на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, составена од претседателот Пеце Ташевски, заменик претседателот Блерим Исени, членот Валентина Фидановска и раководителот на одделение во Секретаријатот на Комисијата, Жорж Поповски, денеска оствари посета на Комората на извршители на Република Македонија. Со желба да се зајакне соработката поврзана со имплементација на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер во сферата на извршувањето, претседателот на Комисијата Пеце Ташевски и претседателот на Комората на извршители Зоран Петрески, потпишааа Меморандум за соработка меѓу двете институции.
Потписниците на овој документ се обврзаа дека заеднички ќе работат на доследно спроведување на одредбите од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер од страна на Комората и извршителите.
Во тој контекст, соработката ќе се одвива во насока на одржување на континуирани обуки во врска со спроведувањето на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер во полето на извршувањето. Стручни тимови на Комисијата во функција на подигнување на јавната свест и степенот на запознаеност на целната група со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и правата и обврските кои произлегуваат од него, ќе настојуваат да пренесат повеќе практично искуство отколку чисто теоретско познавање.
Првите луѓе на Комисијата и на Комората на извршители на Република Македонија по потпишувањето на Меморандумот за соработка, одговараа и на поголем број новинарски прашања што им ги поставија претставници од повеќе електронски и печатени медиуми.
Операционализацијата на Меморандумот за соработка меѓу двете институции ќе се случи во периодот од 07 до 10 мај во Сандански, Република Бугарија за време на семинарот на извршителите, каде обучувачи од Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, се поканети меѓу другото да одржат и презентација од сферата на слободниот пристап до информациите од јавен карактер.