Претседателот на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер, Пеце Ташевски и деканот на Економскиот факултет при Првиот приватен универзитет–ФОН Мирко Трипуноски, денеска во просториите на Комисијата, потпишаа Договор за соработка во проектот „Фабрика на знаење“. Времето предвидено за реализација на проектот е три месеци и тоа од април до јуни 2015 година.
За реализација на зацртаните задачи, ФОН УНиверзитетот ќе формира два тима А и Б, со вкупно 20 студенти од сите факултети на Универзитетот, менторирани од наставен кадар, а избрани од Координативното тело на проектот. Доставените предлози од Комисијата, студентите треба да ги преточат во идејни решенија и апликации, со кои ќе се олесни работењето на Комисијата, а воедно и ќе се придонесе за афирмација на правото за пристап до информации од јавен карактер.
Со цел подигнување на јавната свест и степенот на запознаеност на студентите со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и можностите кои произлегуваат од него, а согласно заедничките интереси, беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу двете институции. Согласно овој документ, соработката ќе се одвива во насока на одржување на обуки на студентите во врска со спроведувањето на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и неговотото користење како алатка за пристап до информации од интерес на студентите. Притоа, соработката ќе се одвива со размена на искуства и најдобри практики преку гостувања на преставници од Комисијата во наставата која ја организира Универзитетот.