Членот на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, Валентина Фидановска и стручното лице од Секретаријатот на Комисијата, Цветан Станоески, денеска пред студентите на Меѓународниот Балкански универзитет во Скопје, го објаснија основното човеково право кое произлегува од Уставот на Република Македонија и од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Работилницата беше организирана во рамките на соработката договорена во потпишаниот Меморандум за соработка меѓу Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер и и Меѓународниот Балкански универзитет во Скопје.
Универзитетот, покажувајќи ја на дело својата отвореност и транспарентност, целосно одговори на целта на средбата и на идните академски граѓани им овозможи непосредно запознавање со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, со обврските за имателите на информации кои произлегуваат од него, како и со начинот на остварување на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер.
Стручното лице од Секретаријатот на Комисијата, Цветан Станоески, одржа power point презентација, преку која бројните присутни студенти, професори и раководни лица на Универзитетот, беа запознаени со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, односно со можностите кои произлегуваат од него за барателите на информации од јавен карактер, како и со обврските и должностите кои произлегуваат од него за имателите на информации.
На учесниците на работилницата им беа поделени постери, флаери и брошури „До информација“, кои се резултат на повеќегодишната соработка меѓу Комисијата и Мисијата на ОБСЕ во Скопје и примероци од брошурата насловена „Ти имаш право да знаеш“, производ на Европското здружение на студентите по право во Република Македонија – ЕЛСА во рамките на USAID проектот за јакнење на судството, стручно помогнат од страна на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер.
На крајот од средбата, претставниците на Комисијата и раководството на Универзитетот договорија продлабочување на соработката, со посочување насоки за конкретни активности во текот на 2015 година.
Заменик ректорот на Универзитетот, Снежана Билиќ Сотировска, на гостите од Комисијата им врачи пригодни благодарници.