Претседателот на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, Пеце Ташевски и членот Валентина Фидановска на 11 и 12 декември годинава, во Wilmslow, престојуваа во дводневна работна посета на Канцеларијата на Комесарот за информации на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска.
Студиската посета во организација на Европската Комисија преку инструментот TAIEX, а во соработка со Канцеларијата на британскиот Комесар за информации беше на тема: „Имплементацијата на слободниот пристап до информации во Велика Британија“.
Притоа македонската делегација на одвоени средби беше примена и разговараше со комесарот за информации Cristopher Graham и со Graham Smith, заменик британски комесар и директор на Слобода на информации .На разговорите стана збор за функционирањето и реализирањето на надлежностите на двете сродни институции и начините на имплементација на законите за слободен пристап до информациите од јавен карактер. Акцентот беше ставен на посредувањето односно користењето на медијацијата во контекст на слободата на информирањето и прашањето до кој степен имателите на информации се должни да обезбедат и дадат податоци.
Македонската делегација за време на престојот во Wilmslow, и посетата на Канцеларијата на Комесарот за информации на Обединетото Кралство, оствари средба и со раководителот Michele Voznick при што беше извршена размена на информации во врска со жалбената постапка, односно постапката по барања. На средбата пак со раководителот Judith Jones, претставниците на Комисијата беа брифирани за тоа како Канцеларијата за информации од Обединетото Кралство стратешки се справува со слободниот пристап до информациите.
Претседателот на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, Пеце Ташевски пред вработени во британската институција за пристап до информации, изврши детална презентација на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер на Република Македонија.