Заменик-претседателот на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер на Република Македонија, Блерим Исени и Жорж Поповски, вработен во Секретаријатот на Комисијата, присуствуваа на денешната јубилејна десетта меѓународна конференција е-Општество.мк:„Човекови права и интернет“, која се одржа во организација на фондацијата Метаморфозис.

Во фокусот овојпат беа темите: слобода на изразување, говорот на омраза на интернет и заштитата на приватноста во дигиталниот свет, а свои излагања и елаборации имаа експерти од земјата и странство.

Од аспект на остварување на човековите права и слободата на изразување, огромни се придобивките од користењето на новите технологии и посебно на интернетот, на кој денес се поврзани над една милијарда луѓе, беше потенцирано на Конференцијата. Но,сепак, неопходна е  адекватна заштита на личните податоци и на индивидуалните права, пред се преку едукација и градење свест за внимателно и одговорно користење на интернетот, со што воедно ќе се придонесе и за тоа говорот на омраза и навредите да бидат што помалку присутни и застапени на интернет.

Изнесувајќи свое видување, министерот за информатичко општество и администрација на Република Македонија , Иво Ивановски, истакна дека Владата на Република Македонија и Министерството за информатичко општество и администрација, се силни поддржувачи на развојот на интернетот во севкупното општествено живеење, но истовремено треба да се внимава на предизвиците кои ги наметнува интернетот како што се безбедноста, сигурноста и приватноста на корисниците, особено на младите генерации. „Се додека не се постават светските правила, бидејќи не постои регулатива за развојот на интернетот, ќе се бараат и користат најдобрите искуства за заштита на граѓаните од злоупотреба на нивните права и безбедност на интернет, укажа министерот за информатичко општество.

Конференцијата е дел од Проектот за децентрализирана соработка меѓу регионот Долна Нормандија и Република Македонија, а во соработка со Меѓународниот институт за човекови права и мир од Каен, и претставува продолжување на долгогодишната соработка на Метаморфозис и регионот Долна Нормандија во областа на човековите права.