Функционирањето и реализирањето на надлежностите на Општина Тетово, една од универзитетските и средноучилишни центри во Република Македонија, денеска беше предмет на интерес на студенти и средношколци од овој регион, кои ги обиколија општинските простории и детално се запознаа со работата на постојните сектори и одделенија.
Притоа се одржа и еднодневна Работилница на тема: „Граѓанско запознавање со донесувањето одлуки на локално ниво и остварување на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер“, организирана по иницијатива од Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер. Двете институции, во рамките на својот овогодишен проект, а во коорганизација со општините – универзитетски и други образовни центри во Република Македонија, претходно реализираа уште четири вакви настани во различни општини.
Во Општина Тетово идните академски граѓани беа запознати и со заложбите на организаторите за подигнување на свеста и степенот на запознаеност со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, односно со обврските за имателите на информации кои произлегуваат од него, како и со начинот на остварување на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер. Цветан Станоески и Макфирете Морина, стручни лица од Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, ги запознаа присутните со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и со можностите кои произлегуваат од него.
Во функција на потемелно запознавање со наведеното човеково право, утврдено во Уставот на Република Македонија и во Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, на присутните им беа поделени постери, флаери и брошури „До информација“, кои се резултат на повеќегодишната соработка меѓу Комисијата и Мисијата на ОБСЕ во Скопје и примероци од брошурата насловена „Ти имаш право да знаеш“, производ на Европското здружение на студентите по право во Република Македонија – ЕЛСА во рамките на USAID проектот за јакнење на судството, стручно помогнат од страна на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер.
Споменатиот циклус работилници ќе финишира на 12 декември годинава, со организирана средба со студенти и средношколци кои наставата ја посетуваат на територијата на Град Скопје.