Првиот ден од месец Декември 2014 година, Општина Битола беше домаќин на студенти од повеќе факултети во овој универзитетски центар, како и на ученици од битолски средни училишта кои присуствуваа на настанот организиран по иницијатива од Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер.
Во рамките на својот овогодишен проект, Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Комисијата во коорганизација со општините – универзитетски центри во Република Македонија, планираат да реализираат повеќе еднодневни Работилници на тема: „Граѓанско запознавање со донесувањето одлуки на локално ниво и остварување на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер“.
Битолски студенти и средношколци непосредно се запознаа со начинот на реализирање на надлежностите на Општината, како и со заложбите на организаторите за подигнување на свеста и степенот на запознаеност со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Цветан Станоески и Макфирете Морина, стручни лица од Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, ги запознаа присутните со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и со можностите кои произлегуваат од него.Во функција на потемелно запознавање со наведеното човеково право, утврдено во Уставот на Република Македонија и во Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, на присутните им беа поделени постери, флаери и брошури „До информација“, односно „Ти имаш право да знаеш“. Првата публикација е резултат на повеќегодишната соработка меѓу Комисијата и Мисијата на ОБСЕ во Скопје, додека втората е производ на Европското здружение на студентите по право во Република Македонија – ЕЛСА во рамките на USAID проектот за јакнење на судството, стручно помогнат од страна на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер.
До крајот на декември, идентични работилници ќе бидат одржани и за студенти и ученици во Куманово, Тетово и во Скопје.