По Општина Штип, една од универзитетските центри во Република Македонија, на 26 ноември 2014 година, домаќин на студентите и на средношколците од факултетите и средните училишта беше Општина Охрид.
Настанот беше организиран по иницијатива од Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, кои во рамките на својот овогодишен проект, а во коорганизација со општините – универзитетски центри во Република Македонија, планираат повеќе еднодневни Работилници на тема: „Граѓанско запознавање со донесувањето одлуки на локално ниво и остварување на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер“.
Општина Охрид широко ги отвори вратите за идните академски граѓани и со несебично залагање целосно одговори на целта на средбата, конципирана како непосредно запознавање на студентите и средношколската младина со работењето на општинските институции, подигнување на свеста и степенот на запознаеност со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, со обврските за имателите на информации кои произлегуваат од него, како и со начинот на остварување на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер. По обиколката на сите сектори и одделенија во општинската институција, каде учесниците директно беа запознати со работата од нивната надлежност, тие во импозантен број присуствуваа на Работилница на која Цветан Станоески и Макфирете Морина, стручни лица од Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, ги запознаа со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, односно со можностите кои произлегуваат од него за имателите и за барателите на информации од јавен карактер.
Во функција на потемелно запознавање со наведеното човеково право, утврдено во Уставот на Република Македонија и во Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, на присутните им беа поделени постери, флаери и брошури „До информација“, кои се резултат на повеќегодишната соработка меѓу Комисијата и Мисијата на ОБСЕ во Скопје и примероци од брошурата насловена „Ти имаш право да знаеш“, производ на Европското здружение на студентите по право во Република Македонија – ЕЛСА во рамките на USAID проектот за јакнење на судството, стручно помогнат од страна на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер.
На настанот присуствуваа и заменик градоначалникот на Општина Охрид м-р Ангел Јанев и членот на Комисијата, Катерина Димеска, кои што им се обратија на присутните учесници.
Споменатиот циклус работилници ќе продолжи во текот на декември во Битола, Тетово, Куманово и во Скопје.