На „Нотарските денови“, организирани од Нотарската Комора на Република Македонија, одржани во Охрид на 18 и 19 октомври 2014 година, покрај новините во Законот за финансиска дисциплина, Законот за спречување на перење пари и Законот за катастарот на недвижности, значајно место им беше посветено и на обврските на нотарите кои произлегуваат од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Пред присутните Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер го презентираше Цветан Станоески од Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер.
Покрај запознавањето со човековото право на пристап до информациите кои ги создале или со кои располагаат имателите на информации во Република Македонија, на присутните на средбата во хотелот „Инекс Горица“ во Охрид им беа поделени примероци од брошурите „До информација“, изработена од страна на Комисијата во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје и „Ти имаш право да знаеш“, продукт на Европското здружение на студентите по право во Република Македонија – ЕЛСА, во рамките на USAID проектот за јакнење на судството, стручно помогнат од страна на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер.
На собирот беше констатирана потребата од натамошна размена на знаења и искуства меѓу Нотарската Комора на Република Македонија и Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, кои во текот на оваа година потпишаа Меморандум за меѓусебна соработка.