На 29 и 30 септември (понеделник и вторник), со почеток во 09.00 часот, во хотелот  Holiday Inn во Скопје, ќе се одржи дводневна Регионална конференција на тема  „Имплементација и спроведување на законската регулатива за слободен пристап до информации од јавен карактер“. Овој меѓународен  настан ќе се одржи  во организација на Европската Комисија преку инструментот TAIEX во соработка со Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер. Со него Комисијата, меѓу другото, ќе го одбележи 28 септември – Меѓународниот ден на слободниот пристап до информациите од јавен карактер „Имам право да знам“.
Целта на овој значаен Регионален собир е преку размена на искуства да се поттикне имплементацијата и спроведувањето на законската регулатива за слободен пристап до информации од јавен карактер, во функција на зголемување на транспарентноста, отчетноста и ефективноста  на јавната администрација во земјите од Западен Балкан.
Освен членовите на Комисијата и на нејзиниот Секретаријат, во работата на  Конференцијата ќе партиципираат претставници од сродни институции од Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Косово, Црна Гора и Србија, експерти од Велика Британија, Романија, Естонија и Словенија, како и учеснци од државни институции, судската власт, образованието и од невладиниот сектор во Република Македонија.