Од 10 до 17 јули 2014 година, во хотел „Арка“ во Скопје, Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје, ќе реализира пет работилници на тема „Добро владеење и остварување на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер“.
На работилниците ќе биде извршена обука на околу 150 одговорни и службени лица од 60 институции – иматели на информации кои, или не биле опфатени во претходниот едукативен циклус, или пак не покажале доволни резултати при спроведувањето на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Целта на планираните обуки е подигнување на свеста и степенот на запознаеност на одговорните и на службените лица со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, со измените на истиот од 2010 година, како и со можностите кои произлегуваат од него, како за имателите, така и за барателите на информации од јавен карактер.
Обуките ќе ги реализираат стручните лица од Секретаријатот на Комисијата,  Цветан Станоески и Макфирете Морина.
За потемелно запознавање со наведеното човеково право, на присутните ќе им бидат поделени примероци од брошурите „До информација“, која е резултат на повеќегодишната соработка меѓу Комисијата и мисијата на ОБСЕ во Скопје и „Ти имаш право да знаеш“, продукт на Европското здружение на студентите по право во Република Македонија – ЕЛСА во рамките на USAID проектот за јакнење на судството, стручно помогнат   од страна на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер.