DIGITAL CAMERADIGITAL CAMERAПретставник на стручната служба на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер на 7 јули, во Скопје учествуваше на тркалезната маса  на тема “Дали новите технологии го поттикнуваат активното граѓанско учество?“  одржана во рамките на Проектот за децентрализирана соработка меѓу Долна Нормандија и Македонија.
Целта на оваа работна средба организирана од фондацијата “Метаморфозис“ беше споделување на искуствата од областа на поттикнување активно граѓанско учество со примена на новите технологии врз основа на искуствата од Македонија (добри примери и научени лекции), помеѓу претставници од локалната самоуправа, невладините организации и развојниот сектор.
Како што беше истакнато, Концептот на воведување на информатичко-комуникациските технологии (ИКТ), го опфаќа користењето на електронските технологии во три сфери од јавното работење:
– Релации помеѓу јавните институции и граѓанскиот сектор
– Функционирање на јавните институции во сите eтапи од демократскиот процес на една земја (електронска демократија)
– Понуда на јавни услуги (електронски јавни услуги)
Во Република Македонија, овој процес на примена на информатичко-комуникациските технологии во областа на граѓанско учество, значително придонесува кон зајакнување на врските помеѓу јавната администрација и општеството, што во крајна линија резултира со појака, потранспарентна, поодговорна и инклузивна демократија.
Под е- услуга се подразбира услуга која одреден ентитет (државна институција, компанија) ја нуди на крајните корисници по електронски пат. Во овој контекст, е-услугата овозможува целосна коресподенција меѓу институциите и граѓаните, на начин што покрај електронското поднесување на барања, формулари, на граѓаните им се овозможува и добивање на повратен одговор од институцијата по електронски пат. Притоа коресподенцијата граѓанин – институција се одвива поефикасно, побрзо и поодговорно.
Заради полесен пристап до државните институции во поглед на извршување на административната дејност и пристапот до јавни информации, потребно е да се развива стратегија не само врз база на општо прифатени начела и принципи, туку и врз база на потребите и очекувањата на граѓаните што најдобро се согледува од искуствата добиени преку проектите кои беа посочени на тркалезната маса.
Од аспект на овозможувањето на пристапот до јавни услуги (електронски јавни услуги) преку презентацијата на  Наде Наумовска, проектен координатор од правната програма на ФИООМ, како пример беше посочена веб страницата www.komspi.mk на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер. Оваа веб страна овозможува брз електронски пристап до податоците за имателите на информации, формуларите за поднесување барања, жалби, а се со цел физичките и правни лица полесно да го остваруваат своето право на слободен пристап до информации од јавен карактер.
Од големиот број изнесени искуства и начини на примената на модерните информатичко комуникациски технологии кои беа презентирани на оваа тркалезна маса, може да се заклучи дека со примената на овие технологии значително се стимулира и олеснува граѓанското учество, што придонесува кон создавање на отворена јавна администрација и зацврстување на демократските столбови на општеството.