клуббббббббВо Клубот на пратениците, денеска, Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, ја одбележа тригодишнината од примената на Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер.
Во присуство на  поголем број службени лица кај имателите на информации од јавен карактер, како и претставници на невладиниот сектор, пригодно обраќање имаше претседателот на Комисијата, Јанко Николовски, кој на почетокот констатира дека значително е зголемена свеста на граѓаните за постоењето на овој Закон. Поднесените 1230 жалби за недозволен пристап до информации од јавен карактер, според Николовски, сами посебе доволно говорат дека граѓаните во се поголем број знаат за постоењето на Законот и не се плашат да го користат.
„Подигањето на свеста е најголемиот успех од примената на Законот и во таа смисла Комисијата доследно ќе продолжи да се бори против затвореноста на институциите“, потенцира Николовски. Тој изрази благодарност до Британската амбасада во Република Македонија со чија помош и финансиска поддршка, а во соработка со Македонскиот институт за медиуми, беше реализиран Проектот “Техничка помош и подигање на свеста за подршка на Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер во Република Македонија“. Овој проект овозможи промоција на новото законско и уставно загарантирано право за граѓаните во РМ, но и обука и темелна едукација на службените лица кај имателите на информации од јавен карактер, како и на Комисијата и нејзината стручна служба, појасни претседателот Николовски.
Тој до големиот број присутни претставници на медиумите апелираше за поголема афирмација на Законот во средствата за информирање, што според него е од полза за развојот на демократијата, граѓаните, но и за самите новинари.
Членот на Комисијата, Љубица Станојовска, информираше дека Комисијата изготви и посебна Информација за службените лица и новинарите во која е даден пресек на реализираните активности во трите изминати години од примената на ЗСПИЈК. Таа ги замоли лицата задолжени за посредување со информациите, но и новинарите да не ја штедат Комисијата за консултации, секогаш кога имаат одредени дилеми, а посебно во случаите кога станува збор за специфични барања. Станојовска и во оваа пригода повтори дека и граѓаните, но и службените лица треба да водат сметка дали барањето е поднесено и во согласност со ЗСПИЈК.
Во изминатите три години, според сублимираните податоци граѓаните доставиле 605 жалби против образовните институции, а 405 до државните институции. Во истиот период е поднесена 81 жалба против органите на локалната самоуправа, 41 жалба против судската власт, а 39 жалби се поднесени против политичките партии. Според анализата на Комисијата, 35 жалби се поднесени против акционерски друштва, а 24 против јавните претпријатија и установи.
Во најголем број случаи жалбите се поднесени за барања кои се однесуваат на располагање со буџетски и донаторски средства, издавање на разни дозволи, јавни набавки, изградба на разни објекти, лични и имотни права, приходи од самофинансирање на високообразовните институции, наставни планови и програми, издавачка дејност на факултетите, бројот на нови вработувања и друго.