Во периодот од 16 па до 24 септември 2009 година, во регионалните општински центри Битола, Штип и Скопје се одржаа едукативни средби со новинари од електронските и печатените медиуми на тема: “Слободниот пристап до информациите од јавен карактер и заштитата на личните податоци“. На работилниците присуствуваа и новинари од околните градови, а обуката ја реализираа претставници од Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер и Дирекцијата за заштита на личните податоци.
Претставниците на седмата сила беа информирани и запознаени со можностите за поедноставно и поефикасно добивање на информациите од јавен карактер, а стана збор и за досегашните искуства од примената на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер во однос на медиумите и новинарите во Македонија.
На обуките беше укажано дека новинарите ползувајќи го правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер при известувањето посебно внимание треба да водат за класифицираните односно личните податоци, без разлика дали станува збор за јавни личности или обични граѓани.
Иако беше констатирнао дека роковите за добивање на информации од јавен карактер објективно се долги и се од мала полза кога станува збор за дневното новинарство, беше укажано дека новинарите неможат да бидат исклучок во добивањето на бараните информации бидејќи со тоа би дошло до уставна нееднаквост на граѓаните.
Едукативните средби меѓу другото беа и во функција на обезбедување на медиумска помош во кампањата за издигнување на свеста и поконкретно запознавање и едукација на граѓаните за нивното законско право за слободен пристап до информациите од јавен карактер.
Работилниците за новинарите всушност беа надополнување на педесетте обуки за службените лица кај имателите на информации од јавен карактер што во рамките на проектот: “Техничка поддршка и подигнување на свеста за примената на Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер“ беа реализирани во изминатите две години со финансиска поддршка од Амбасадата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска во Република Македонија. Носители и имплементатори на овој проект беа Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер (КЗПСПИЈК) и Македонскиот институт за медиуми (МИМ).