Уставниот суд на Република Македонија на седницата одржана на 26 ноември 2008 година, реши да не поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на точка V.1 во делот: „преку имателите на информации„ од Упатството за начинот на постапката на спроведување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, донесено од Комисијата за заштита на првото за слободен пристап до информациите од јавен карактер.
Уставниот суд, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992), донесе РЕШЕНИЕ ДА НЕ СЕ ПОВЕДЕ ПОСТАПКА по иницијативата на С. Ф. од Скопје за оценување на уставноста и законитоста на споменатото Упатство.
Според подносителот на иницијативата С.Ф. од Скопје, оспорениот дел бил во спротивност со член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, но Судот утврди дека доколку имателот на информациите не постапил во согласност со член 20 став 4; член 24 став 4 и член 26 став 1 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, барателот на информацијата има право на жалба…
…Меѓу другото, во своето образложение, Уставниот суд укажува дека во член 233 од Законот за општа управна постапка, кој го обработува прашањето за предавањето на жалбата се предвидува дека жалбата непосредно му се предава или му се праќа по пошта на органот што го донел првостепеното решение (став 1). Ако жалбата му е предадена или испратена непосредно на второстепениот орган, тој веднаш му ја испраќа на органот од прв степен (став 2). Жалбата предадена или испратена непосредно на второстепениот орган во однос на рокот, се смета како да му е предадена на првостепениот орган.