Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, која согласно Законот за СПИЈК е обврзана да се грижи за подготовка и постојано ажурирање на Листата на иматели на информации, РАСПОЛАГА СО СОЗНАНИЈА ДЕКА ПООДЕЛНИ ИНСТИТУЦИИ НЕ ГИ ПОЧИТУВААТ ПРОПИШАНИТЕ ЗАКОНСКИ ОДРЕДБИ (чл. 8 ст. 1 и 2 од ЗСПИЈК).
Праксата покажува дека пооделни службени и одговорни лица мошне често случајно или намерно забораваат до Комисијата да достават известување за извршени промени во називот на нивната институција, адресата, службеното(ите) лице(а) кое(и) посредуваат со информациите од јавен карактер, телефоните за контакт, e-mail адресите и слично.
Комисијата ПОСЕБНО УКАЖУВА дека и по повеќе од две години од примената на Законот за СПИЈК, постојат иматели на информации кои се уште не одговориле на обврската која произлегува од членовите 8 и 9 од ЗСПИЈК, а со која од нив се бара да определат едно или повеќе службени лица кои ќе посредуваат со информациите од јавен карактер, како и да објават листа на информации кои ги поседуваат и располагаат со нив.
Поради нивниот неодговорен однос, Комисијата е ставена во ситуација на барателите на информации да им презентира Листа на иматели во која се содржани одредени невалидни податоци и генералии за пооделни институции и субјекти.
Се надеваме дека ова најново укажување ќе резултира со поодговорен однос од страна на имателите на информации од јавен карактер што е од обостран интерес за натамошната соработка.
За евентуални дополнителни појаснувања на располагање Ви се телефоните: 02 3118-038 и 02 3115-659, e-mail адресата: sinf.@sinf.gov.mk, како и веб страната на Комисијата: www.komspi.mk, на која се поместени Законот и сите потребни обрасци и документи за негово спроведување.
Комисијата предочува дека против одговорните лица кај сите иматели на информации од јавен интерес кои ќе се оглушат и на ова укажување и нема да одговорат на законските обврски, ќе ги примени казнените одредби од член 41 и 42 од ЗСПИЈК.