Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер почнувајќи од 7 октомври па до 5 декември годинава, согласно зацртаните активности, реализираше 14 регионални обуки низ Републиката. Со дводневни тренинг едукации беа опфатени над 250 службени лица одговорни за посредување со информации од јавен карактер во регионалните центри: Охрид, Струга, Струмица, Кичево, Гевгелија, Кавадарци, Битола, Прилеп, Кочани, Штип, Гостивар, Тетово, Велес и Куманово. На обуките учествуваа и лица задолжени за имплементација на ЗСПИЈК во институциите од помалите општини кои гравитираат кон споменатите региони.
Обуките се дел од активностите опфатени со проектот „Техничка помош и подигнување на свеста за поддршка на примена на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер“ во Република Македонија, кој се реализира со финансиска поддршка на Амбасадата на Велика Британија, а за кој согласност даде и Владата на Република Македонија. Од вкупно предвидените 50-тина обуки за едуцирање на околу илјада службени лица задолжени за спроведување на Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер досега се реализирани 34 обуки. До крајот на календарската 2008 година, во просториите на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер се планира да се изведат дводневни обуки за уште четири групи службени лица од имателите на информации од јавен карактер од Скопје.
Носители и имплементатори на проектот се Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер и Македонскиот институт за медиуми.
Реализацијата на обуките се очекува да придонесе за потранспарентно и поодговорно владеење во Македонија, како и за професионална комуникација со медиумите и јавноста во процесот на евроинтеграција на Република Македонија.