Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, Фондацијата Институт отворено општество Македонија-ФИООМ, Македонското здружение на млади правници и Младинскиот образовен форум, денеска одржаа заедничка прес конференција посветена на 28 септември- Меѓународниот ден за слободен пристап до информации, чие што одбележување насекаде во светот се одвива под мотото „Имам право да знам“.
Притоа, членот на Комисијата Љубица Станојовска потенцираше дека во изминативе девет месеци од годинава, како впрочем и од самиот почеток од законското воспоставување на слободниот пристап до информации од јавен карактер во Република Македонија пред три години, Комисијата целосно се посвети и работата ја насочи кон однесувањето на имателите на информации од јавен карактер, како клучни фактори за остварување за уставно и законски загарантираното право на граѓаните.
Во тој контекст, таа информираше дека во првите девет месеци од годинава до Комисијата биле поднесени вкупно 250 жалби, од кои 120 од страна на физички лица, додека 130 се жалби поднесени од правни лица (27-ФИООМ, 42- Млади правници и 42- МОФ).
Од аспект на правниот основ, 205 жалби се поднесени поради молчење на имателите, 16 како резултат на незадоволство од решенијата на имателот, додека 29 жалби се мотивирани од одговорот на имателот. Од вкупниот број поднесени жалби – 110 се против државни институции, 47 против локалната самоуправа, 7 против јавни претпријатија и установи, исто толкав бројот против здравствени установи, во 5 случаи се поднесени жалби против правни и физички лица кои вршат јавни овластувања, 10 против судската власт, додека 64 жалби се поднесени против образовни институции.
Според Станојовска, Комисијата постапила по сите поднесени жалби и притоа донела вкупно 88 решенија и 101 заклучок, а по 58 жалби постапката е во тек. По 3 жалби Комисијата не постапила бидејќи првостепениот орган донел решенија по жалбите.
Во споменатиот период поднесени се вкупно 19 тужби до Управниот суд и 2 барања за повторување на постапката.
Станојовска исто така се задржа и на дел од активностите на Комисијата насочени кон подигање на свеста за Законот, како кај граѓаните, така и кај имателите на информации, преку тукушто завршените обуки за службените лица кај имателите, како и едукативната и промотивната дејност остварена низ издавачката дејност на Комисијата.
Претставниците на невладините организации кои исто така даваат свој придонес во имплементацијата на ЗСПИЈК, во оваа прилика посочија некои од слабостите и проблемите воочени низ примената на Законот. Според нивните сондажи, имателите на информации (вклучително и нивните службени лица) и понатаму главно се инертни и не ја почитуваат својата законска обврска да ги направат достапни бараните информации, ниту пак ги почитуваат за тоа превидените законски рокови. Податоците со кои тие располагаат велат дека по најголемиот број поднесени барања имателите постапиле и ги доставиле бараните информации, дури откако биле поднесени жалби до Комисијата.
Ваквата практика, според луѓето од споменатите НВО-а, се должи и на нивните сознанија дека назначените службени лица се вработени на други работни места со различни обврски, па се неволни за соработка, а прашањата од сферата на СПИЈК не ги сметаат за приоритетни.
Иако е многу мал бројот на граѓаните кои се информирани за постоењето на ЗСПИЈК, сметаат претставнците од невладиниот сектор, сепак охрабрувачки податок е фактот што дури 83% од упатените граѓани ценат оти постоењето на законот е од висока важност, препознавајќи во него една од клучните алатки за справувањето со корупцијата и зголемувањето на транспарентноста и ефикасноста на администрацијата.