Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер во соработка со Македонски институт за медиуми, на 9 септември 2008 година во хотелот „Холидеј Ин“ (сала Милениум), на пригоден начин ја одбележа двегодишнината од примената на Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер. Во присуство на претставници од Владата и министерствата, пратеници во Собранието Република Македонија, амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска во Република Македонија, Andrew Key, претставници на невладиниот сектор, како и службени лица кај имателите на информации од јавен карактер, пригодно обраќање имаше претседателот на Комисијата, Јанко Николовски, чие обраќање во продолжение го пренесуваме интегрално: “Со чувство на извонредна почестеност, Ве поздравувам почитувани дами и господа, драги пријатели и соборци на полето на транспарентноста… За нас во Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер но и пошироко за нашата земја, септември е месец што целиот е во знакот на ново освоеното право на слободен пристап до информациите од јавен карактер. Први септември е денот кога започна примената на ЗСПИЈК, а 28 септември е меѓународниот ден на слободниот пристап – Freedom of Information. Со поделени чувства влегувам во оваа свечена вечер-Две години од примената на Законот во Република Македонија, дали тоа значи потсетување на работата (завршена или во тек) или пак значи свеченост…? Ги означува и двете работи. Впрочем оваа вечер не е единственото место и активност каде ги изнесуваме нашите двегодишни чекорења низ –TERA INCOGNITA. Минатата недела пред Собранието на Република Македонија го претставивме Извештајот за работата на КЗПСПИЈК за период од една година- 2007! Народните претставници едногласно го подржаа, но освен нивните мислења, нас ни останува да ги пречекаме и добронамерните реакции и укажувања и од другите наши придружници, соработници, критичари, со еден збор од сите поклоници на транспарентноста како добар алат за добро владеење. Секое мислење и критика се добродојдени- се уште ни треба водич низ новооткриените предели на демократијата. Нo, што сме сработиле- има ли место за задоволство? Знаеме дека нема спектакуларни резултати, но иако несовршен,- законот живее! Многукратно е зголемен бројот на жалбите во однос на почетоците…? Склон сум да го толкувам тоа на овој начин-барателите на информации се помасовно го прегрнуваат законот, што значи дека големиот број жалби е во релација и пропорција со поголем број на дадени информации од страна на имателите… И, не можам а да не забележам дека тоа значи и израз на доверба на граѓаните- баратели, кон работата на Комисијата и нејзината моќ да ги заштити нивните права во оваа област. Во најголем број случаи ( неколку стотини), по интервенција на Комисијата бараните информации се дадени на барателите и без донесување на формално решение (наредба) за одобрување пристап. Но, сепак има уште да се работи на подигањето на свеста и на барателите и на имателите, за значењето и постапката за слободен пристап. Затоа што недоволното знаење за ова ново право е всушност една од причините за-кај граѓаните омразената појава на – немо одбивање-. ( mute refusal) Уште вечерва ќе ви биде достапна целосна информација за двегодишните ефекти од примената на Законот за СПИЈК. Не е доволно ако само се каже дека слободниот пристап до јавните документи е начин за подобрување на ефикасноста- во администрацијата и во борбата против корупцијата. Обуките, односно еддукативната и промотивната функција на Комисијата, во оваа фаза на почетоци,- се рамноправна задача со задачата за одлучувањето како второстепен орган, по жалби. Токму тука е време и место за отчет и благодарност! Во изминатите две години со сесрдна помош на ОБСЕ и НВО, на нашите вистински почетоци, остваривме елементарни обуки и контакти во самата Комисија и нејзината Стручна служба и потоа, со имателите и барателите на информации. Имаме програма за посета на единиците на локалната самоуправа, што успешно ја реализираме… И од сето тоа, лоцирано во првата година на примената на законот, осознавме и заклучивме дека едукацијата и промоцијата на правото на слободен пристап во овој момент можеби е дури и приоритетна задача. Некако во периодот на овие наши сознанија, го откривме повикот на амбасадата на Обединетото кралство на Велика Британија и Северна Ирска, за финансирање на проект од областа на
слободниот пристап… Во соработка со Македонскиот институт за медиуми, поднесовме Проект- “ТЕХНИЧКА ПОМОШ И ПОДИГАЊЕ НА СВЕСТА ЗА ПОДРШКА НА ЗАКОНОТ ЗА СЛОБОДЕН ПРИСТАП ДО ИНФОРМАЦИИТЕ ОД ЈАВЕН КАРАКТЕР ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА“. Амбасадата и Владата на нејзиното Величество го одобрија проектот и тој веќе втора година е во реализација. Започна на 1.09.2007 и ќе трае до 31. 12. 2009 година. Во првата фаза реализиравме серија обуки за Комисијата, но и за службените лица кај имателите на информации на централно ниво. Бројот на обучени службени лица, на овој начин се доближува до 150. Меѓу нив има и одреден број што се здобиja со лиценцата обучувач. Во моментов се наоѓаме во фазата на осмислена и сестрана промотивна кампања- првата фаза ќе се одвива преку медиуми, брошури огласи, плакати… Со задоволство сакам да истакнам и со тоа да заклучам, дека правовремената подршка од земјата- колевка на човековите права, (Magna charta… Habeas corpus…) за нас можеби е пресудниот чекор кој не одвојува од поимот почетник и не става нас, како Комисија, во поволна позиција од каде што веќе се гледа светлоста на крајот на со векови долгиот тунел. Со голема благодарност кон нашите британски пријатели го завршувам ова обраќање и Ве поканувам да ни се придружите на оваа мала свеченост“ истакна на крајот од обраќањето претседателот на Комисијата, Јанко Николовски.
|