Извештајот за состојбата со човековите права во Република Македонија за месец јуни 2008 година, подготвен од страна на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија, покрај другото, содржи и дел посветен на имплементацијата на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер во праксата. Во продолжение интегрално е пренесен делот од Извештајот, содржан во подзаглавието “Повреди на економските и социјалните права “ (Случај Небојша Арсовски и Здружението на Хрвати од Република Македонија).
“До Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија се обрати лицето Небојша Арсовски од Скопје како и Здружението на Хрвати од Република Македонија.
Небојша Арсовски како и Здружението на Хрвати од Република Македонија, секој поединечно, се обратиле до Државниот завод за Геодетски работи – Сектор за премер и катастар, со свои барања за пристап до информации од јавен карактер. Здружение на Хрвати од Р. Македонија подносител, со барање бр.1118/5848 од 30 Ноември 2007 год., а Небојша Арсовски од Скопје барател со барање со ист број од 10 Ноември 2007 год. Предмет на барањата е целосен увид во документацијата за барање 1118/5848 поднесено на 03 Октомври 2007 год., за објекти на КП 2520/1, КО Центар 2, почнувајќи од 1995 год., до денес.
Со оглед на тоа дека не добиле никаков одговор од страна на Државниот завод за Геодетски работи – Сектор за премер и катастар Небојша Арсовски и Здружението на Хрвати од Република Македонија поднесле поединечни жалби до Kомисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер.
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер на ден 23 април и 23 мај 2008 година донела две поединечни решенија со кои двете жалби се уважуваат и се задолжува државниот завод за геодетски работи на барателите да им овозможи увид во бараната информација “целосен увид во документација, за барање 1118/5848 поднесено на 03.10.2007 година за објекти кп 2520/1 – центар и почнувајќи од 1995 година до денес“, во рок од 15 дена од денот на доставувањето на решението.

На 19 јуни 2008 година Државниот завод за Геодетски работи – Сектор за премер и катастар  до Здружението на Хрвати од Р. Македонија и Г-дин Небојша Арсовски доставило Известување во кое се  наведува дека Државниот завод за Геодетски работи не е во можност  да постапи по наведеното Барање од причини што предметот со сите списи е доставен до органите на прогонот и истиот до денес не е вратен  во Секторот за катастар на недвижности – Скопје.
Во овој случај постои повреда на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, и неизвршување на законските обврски од страна на Државниот завод за геодетски работи – Сектор за премер и катастар, кој и доколку навистина го доставил предметот со сите списи до органите на прогонот, сторил повреда на чл. 3аконот за катастар на недвижности, според кој „Агенцијата обезбедува сигурност на податоците во електронска форма во ГКИС преку мерки на физичка и техничка заштита, како и преку двојно чување на податоците на две физички оддалечени локации„.