Во скопскиот хотел “Холидеј ин“ на 2 јули 2008 година во организација на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, се одржа еднодневна Работилница за искуствата од досегашната примена на Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер. Претседателот на Комисијата Јанко Николовски пред 50–тина присутни учесници во својство на службени лица од различни институции од Република Македонија, изрази посебна благодарност до амбасадорот на Велика Британија во Република Македонија, Andrew Key, со чија поддршка се одржа и Работилницата, како дел од обемниот проект „Техничка помош и подигнување на свеста за поддршка на примена на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер“ и до министерот за правда на Република Македонија Михајло Маневски, во чиј мандат почна примената на Законот за СПИЈК. Во обраќањето, Николовски истакна дека Законот за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, претставува своевиден буквар на слободата и демократијата во Република Македонија. Според него, треба постојано да се говори за силата и влијанието на Законот за слободен пристап врз зацврстувањето на демократските процеси, доброто владеење и афирмацијата на човековите права. “Правото на слободен пристап до јавните документи, како врвен и прецизен инструмент е насочено кон идеалите: ефикасна администрација и кон пресметка со корупцијата; значи кон две од повеќето цели што не доближуваат до посакуваните европски стандарди“, подвлече Николовски. Осврнувајќи се на проектот кој што се реализира со материјална поддршка на Британската Амбасада, а во соработка со Македонскиот институт за медиуми, тој потенцираше дека исиот нуди можност за едукација и на имателите и на барателите, подвлекувајќи дека во изминатиот неколкумесечен перод се одржаа 20 обуки на службените лица кај имателите на информации од јавен карактер и пооделни промотивни активности. “Верувам дека нема да претерам ако речам дека за нашава земја реалноста на Законот и неговата примена, макар и со детски болести, има значење на револуционерен чекор, можеби сличен по значењето и влијанието врз иднината, какошто го имаше MAGNA CARTA LIBRATATEM, од времето на Јован без земја во Англија од 1215 година“ рече на крајот од своето обраќање претседателот на Комисијата за СПИЈК, Јанко Николовски. Според министерот за правда Михајло Маневски, фактот што Законот за СПИЈК регулира релативно нова материја во правниот систем на Македонија, создава погодна почва за одредени искушенија и непознаници, кои имателите на информации стриктно наведени во Законот, заедно со Комисијата треба да ги надминуваат и да ги решаваат постепено и во од. Информациите, рече Маневски, “неможат да бидат монопол на органите на државната власт, на институциите што вршат јавни овластувања, на судската власт, освен класифицираните информации, кои имаат посебен режим на користење“. Тој оцени дека остварувањето на граѓанското право на слободен пристап до информации од јавен карактер, значи и еден вид контрола врз работата на органите и институциите, чија функција во основа се сведува на заштитата на интересите на граѓаните и овозможување поедноставен и подобар живот. Со примената на Законот, подвлече министерот, се очекува да се придонесе во афирмирањето на администрацијата, како јавен сервис на граѓаните, како и во зајакнувањето на довербата на јавноста во државната власт и кај сите институции со јавни овластувања. Нагласувајќи дека Законот треба да влијае на промената во свеста и на државната власт, која постои заради граѓаните, министерот Маневски подвлече дека казнените одредби предвидени во Законот, не се само декор па оттаму прекршителите треба да се соочат со одредени санкции. Амбасадорот на Велика Британија во Република Македонија, Andrew Key во поздравното обраќање истакна дека остварувањето на правото на слободен пристап до информациите е релативно нов феномен во многу земји вклучително и Велика Британија. Според него, Македонија многу брзо напредува во оваа сфера, а имплементацијата на ова право, вклучително и на ЗСПИЈК бара огромна посветеност и многу работа и на Комисијата и на имателите на информации од јавен карактер. Реализацијата на проектот со грантот доделен од Британската Амбасада во Република Македонија, како што оцени амбасадорот Key, треба да придонесе за јакнење на капацитетите на Комисијата и за едукација на пошироката јавност
, со запознавање на правото за пристап до информациите од јавен карактер. Реализацијата на зацртаните цели во проектот, треба да придонесе за обезбедување на транспарентна и отчетна јавна администрација во Република Македонија, подвлече амбасадорот Key. Во продолжение, претставници на Комисијата односно на нејзината Стручна служба презентираа бројни и конкретни искуства и податоци од досегашната примена на Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер, по што се разви широка дискусија со проактивно учество на службените лица поканети на работилницата. На посебна сесија од Работилницата беа направени споредбени согледувања од аспект на заштитените и класифицираните информации и личните податоци на што претходеа воведните напомени на претставници од Дирекцијата за заштита на личните податоци, како и од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации.
|