Во рамките на еднодневната Работилница за искуствата од досегашната примена на Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер што се одржа во хотелот  “Холидеј ин“ беа промовирани новата веб страница на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, како и прирачникот- публикација „Информациите од јавен карактер се за давање, а не за чување“. Нивната подготвка и реализација беше овозможена со финасиска поддршка на Амбасадата на Велика Британија во Република Македонија, како дел од обемниот проект „Техничка помош и подигнување на свеста за поддршка на примена на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер“.
Новодизајнираната веб страна преку посебен пребарувач, нуди можности за побрзо пронаоѓање на податоците кои се поставени на истата, во функција на правилно насочување на барањата на граѓаните до соодветните институции. Делот резервиран за вестите е проширен, со што се овозможува пристап до поголем број информации поместени на насловната страна. Со новото решение вестите и информациите се целосно архивирани, со што за разлика од досегашното решение, на посетителите ќе им биде овозможено на едноставен начин прелистување и препрочитување на сите вести во функција на активностите на Комисијата.
Во посебен линк се систематизирани седниците на Комисијата и во него сукцесивно ќе бидат поставувани решенијата, заклучоците одговорите на тужбите и останатите поважни одлуки на Комисијата.
Новиот дизајн на веб страницата дава можност и за спроведување на разни анкети од сферата на слободниот пристап до информациите, преку кои ќе се сондираат мислењата од барателите и имателите на информации, со што ќе се добијат драгоцени податоци за лошите и добрите практики од примената на Законот, како и за ефикасноста во работењето на Комисијата.
Прирачникот „Информациите од јавен карактер се за давање, а не за чување“ е најновиот продукт на Комисијата во заложабата за промоција на правото на слободен пристап. Прирачникот е прегледен, јасен, секому достапен и разбирлив, и така подготвен на читателот му ги посочува и отвора најблиските врати до информацијата. Публикацијата е подготвена во вид на информатор за сите граѓани кои се јавуваат или може да се јават во својство на баратели на информации од јавен карактер, но и за едукација службените лица кај имателите.
Таа ги содржи основните и најрелевантните информации за тоа што значи поимот информација од јавен карактер, кои се иматели на вакви информации, како да се оствари постапката за уставно загарантираното право за пристап до овој вид информации и слично,жалбената постапка, исклучоците од законот за слободен пристап и слично.