Македонска делегација составена од раководни државни службеници меѓу кои и од Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, односно нејзината Стручна служба, од 6 до 8 мај 2008 година оствари студиска посета на Република Австрија. Посетата беше реализирана на покана на австриската Влада, а имаше за цел натамошно стручно усовршување на државните службеници или функционери кои работат на проблематиката поврзана со Е- Влада. Посетата се реализира во соработка со We-Go проектот финансиран од шестата рамковна програма на ЕУ ,а во функција на пренесување и приспособување за употреба на добрите практики и знаења во Македонија, но и во останатите предвидени таргет земји: Словенија, Хрватска, БиХ и Србија. За време на тридневната работилница во Виена беше извршена корисна размена на мислења, а со свои презентации се претставија и 10-тина еминентни експерти од сферата на информатичката технологија од Австриската Федерална Канцеларија, Министерството за финансии и од Федералниот компјутерски центар. Притоа, меѓу другото, тие презентираа и пренесоа драгоцени искуства за статусот, организационата поставеност, дигиталната платформа и идните перспективи на Австриската Е-Влада, информативниот сервис RIZ, наменет за граѓаните, бизнис фелата и администрацијата, имплементацијата на е-trust, решенијата со електронската идентификациона граѓанска картичка, електронскиот потпис на физичките лица или правни субјекти, таканречениот Help сервис и слично. Со ваквата поставеност на работите, 65 процентната поврзаност на граѓаните со интернетот и со вкупно осумте сервиси наменети за граѓаните, како што беше речено, Австрија е лидер во развојот на е-сервиси во Европа. Тоа пак само по себе значително го олеснува патот и го скратува времето за обавување на административните процедури, посебно во таканаречените гломазни министерства или државни институции кои работат со издавање на разновидни обрасци и документи. За поедноставна имплементација на овие искуства во земјава , но и за побрзо фаќање приклучок кон европските трендови, секако ќе придонесе и целосната реализација на проектот на македонската Влада „Компјутер за секој ученик„.
|