Денеска, Македонското радио-Радио Скопје емитуваше едночасовна емисија „Имам право да знам„, посветена на примената на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Гостин во емисијата беше членот на Комисијата, Љубица Станојовска, која предочи дека оваа емисија се совпадна со  почетокот на примената на Законот за изменување и дополнување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Од разговорот произлезе дека имплементацијата на Законот дава одредени резултати, но дека се уште се јавуваат извесни проблеми од кои најкарактеристични се молкот на администрацијата, неназначувањето на службени лица кај имателите на информации, недавањето на информации под изговор дека станува збор за класифицирана информација и слично. Меѓу другото, Станојовска подвлече дека измените и дополнувањата на Законот треба да донесат одредени новини токму во функција и на побрзо доаѓање до саканите информации од страна на барателите. Говорејќи за имплементацијата на ЗСПИЈК, таа го истакна значењето на ЛИСТАТА НА ИМАТЕЛИ НА ИНФОРМАЦИИ ОД ЈАВЕН КАРАКТЕР која содржи детални податоци за 1475 досега регистрирани иматели и линкот ВИ ПОМАГАМЕ по чија консултација барателите полесно ќе можат да го испратат барањето на адреса на вистинскиот имател. Беше констатирано дека во последно време се поголем е бројот на иматели кои на своите веб страници поставуваат посебен банер или линк до веб страната на Комисијата, со што активно придонесуваат за анимирање на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер.
Станојовска потенцираше дека во минатата година за разлика од календарската 2008 година до имателите на информации биле поднесени поголем број на барања, но затоа пак бројот на жалбите е намален што само посебе покажува дека граѓаните се повеќе го користат уставно загарантираното право за пристап до информации од јавен карактер, а институциите се почесто одговараат на поставените барања. Во прилог на оваа констатација беа презентирани компаративните податоци кои говорат дека во 2009 година бројот на поднесени барања до имателите изнесувал 2106, наспроти 1876 барања во 2008 година. Во 2009 година до Комисијата се поднесени вкупно 340 жалби, додека нивниот број во 2008-та достигна дури 670.
За намалување на бројот на жалбите извесен придонес според оценката на Комисијата имаат и спроведените дводневни обуки за службените лица кај имателите, кои поагилно и посериозно ја третираат проблематиката од сферата на ЗСПИЈК.