Во календарската 2009 година Комисијата одржа 28 седници и по завршувањето на целокупната постапка по поднесените 340 жалби донесе 313 решенија или заклучоци, а 23 жалби се пренесени за постапување во 2010 година. По 3 жалби Комисијата не постапуваше, бидејќи првостепениот орган донесе решенија веднаш по поднесувањето на жалбата до Комисијата, а по 1 жалба постапуваше како по претставка, согласно Законот за постапување по претставки и предлози.
Ако се земе предвид вкупниот број поднесени жалби, Комисијата согласно Законот, донесе 151 решение и 162 заклучоци од кои:
99 решенија со кои жалбата се уважува;
Во 99 случаи по постапувањето по жалбите, Комисијата истите ги уважи и донесе решенија со кои ги задолжи имателите да ја дадат бараната информација. Меѓутоа, Комисијата не располага со точен податок, колку од овие решенија се спроведени од страна на имателите на информации.
40 решенија со кои жалбата се одбива;
12 решенија со кои жалбата се отфрла;
151 заклучок со кои постапката по жалба се запира поради тоа што на барателот му е доставена бараната информација;
8 заклучоци со кои постапката по жалба се запира поради препраќање на барањето и
3 заклучоци со кои постапката по жалба се запира поради формални недостатоци.
По спроведената жалбена постапка од страна на Комисијата, 151 барател-жалител го остварил своето право на слободен пристап до бараната информација, но со задоцнување, односно по истекот на законски предвидениот рок и по поднесувањето на жалбата.
Најверодостојна потврда за ова е големиот број заклучоци што ги има донесено Комисијата, со кои се запира постапката, бидејќи барателот од имателот ја добил бараната информација.
Во најголем број случаи по интервенција на Комисијата, која редовно е посредник меѓу барателите и имателите на информации, со цел и на едните и на другите да им пружи помош во врска со спроведувањето на Законот, на барателите им е обезбеден пристап до бараната информација.
Ова ја потврдува и констатацијата дека со малку повеќе желба, знаење и поголема одговорност, имателите на информации можеле да постапат по барањата на барателите и пред поднесувањето на жалбата и да им ја дадат бараната информација. Со овозможувањето на пристап до бараната информација, ќе се зајакне довербата на граѓаните во институциите на власта, државната администрација, локалната самоуправа, како и во правните и физичките лица што вршат јавни овластувања. Истовремено, ќе се избегне непотребното администрирање при поднесувањето на жалбите како и непотребните трошоци и прекршочната одговорност.