Извештајот за состојбата со човековите права во Република Македонија за месец ноември 2007 година, подготвен од страна на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија, меѓу другото, содржи и дел посветен на имплементацијата на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер во праксата. Во продолжение интегрално е поместен извадок од Извештајот, содржан во подзаглавието “Повреди на економските и социјалните права “.
“Лицето В.Н. побарало од страна на Министерството за образование и наука барање за слободен пристап до информации, поточно информација дали наставник од училиштето Раде Јовчевски-Корчагин бил пријавен како технолошки вишок за учебната 2005/2006 година. Оваа информација и била потребна на странката за доказната постапка во однос на судски заведен спор. Поради неуспехот во добивање на конкретната информација, за која не бил одбиен, туку органот едноставно молчел, поднел жалба до Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер, која ја уважила и го задолжила Министерството да му ја достави бараната информација. Во образложението на решението се наведува дека Комисијата барала од Министерството веднаш да се произнесе по жалбата за што повторно добила молчење.
Како резултат на ваквата пракса на државните органи, Комисијата укажува дека доколку се продолжи со ваквата пракса ќе се применат казнените одредби од законот. Комисијата треба да поднесе прекршочна пријава за неприменување на законот, а не да предупредува за ваквата можност.
Во однос на имплементацијата на овој Закон, кој веќе точно една година се применува, Фондацијата институт отворено општество објави извештај наречен “Ѕид од тишина“, направен врз основа на конкретни случаи и мониторирање на примена на законот, во кој меѓу многуте критики поради недоследности на примена на законот се наведува дека “тајноста е најчесто правило, а не пристапноста до информација“. Во извештајот исто така се осврнуваат на потребата за усогласување на Законот со Законот за прекршоци, и проширување на надлежностите на Комисијата за директно изрекување прекршочни парични санкции пропишани со Законот за слободен пристап до информации, со што ќе се ефектуира постапувањето по овој закон, и ќе се олесни прекршочната постапка.
Комитетот преку досегашната пракса е сведок на огромни недоследности, делумно спроведување, непознавање или свесно игнорирање на овој Закон со што граѓаните се лишуваат од своето уставно право да бидат информирани . Иако овој закон е под директна лупа на граѓанскиот сектор, сепак целта не може да се оствари до крај и после една година од негова примена. Поради тоа Комитетот верува дека со законските интервенции во текстот, особено со можноста Комисијата да изрекува прекршочни санкции за одговорните лица, ќе се подигне степенот на свесност и одговорност кај државните органи.