Во рамките на програмата на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер за што поблиско запознавање со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и негова доследна примена, членовите на Комисијата службените лица на нејзината Стручна служба, досега остварија работни посети на вкупно 17 единици на локалната самоуправа. Притоа, беа остварени контакти со градоначалници и членови на Советите, како и со претставници на поголемите јавни претпријатија или службените лица одговорни за посредување со информации од јавен карактер од општините Берово, Пехчево, Велес, Чашка Лозово, Свети Николе, Штип, Охрид Струга Дебар, Кичево Струмица, Василево, Ново Село, Демир Капија, Неготино и Кавадарци.
Средбите беа искористени за размена на мислења околу првичните искуства од примената на Законот за слободен пристап до информации, идентификувањето на добрите практики и на проблемите кои произлегуваат од имплементацијата на Законот. Во повеќе наврати одговорните за спроведување на Законот потсетија на обврските што за општините произлегуваат од Законот, зашто во спротивно ќе се соочат со пропишаните казнените одредби.
Општинарите информираа дека се запознаени со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, дека своите веб-страници ги ажурираат со основните податоци, а службените лица задолжени за посредување со информациите од јавен карактер навреме одговараат на засега скромниот број барања на граѓаните.
Во својство на иматели на информации од јавен карактер, општините како што беше констатирано се меѓу поревносните во спроведувањето на Законот, иако има и такви кои или само делумно или воопшто не ги исполниле обврските кои за нив произлегуваат од ЗСПИЈК.
Според укажувањето на општинарите, сепак граѓаните не се доволно информирани за постоењето на ЗСПИЈК, поради што беше апострофирана потребата од организирање на национално ниво на силна кампања, која на поголем број граѓани ќе им овозможи да ги почуствуваат бенефитите од примената на законот.
Претставниците на Комисијата во општините кои ги посетија доставија обемен информативен и промотивен материјал, законска регулатива, како и водичи за баратели и за службени лица.
Во функција на поуспешна имплементација на ЗСПИЈК во овие средини, како впрочем и на ниво на целата држава, Комисијата најави одржување на нови мини обуки и за службените лица кај имателите на информации и за барателите на информации односно граѓаните, како и печатење на кратки брошури, флаери и слично.