Согласно зацртаните активности на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер за што поблиско запознавање со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и негова доследна примена, службените лица на Стучната служба на Комисијата, Јорданка Стојкова и Цвета Трајковска, на 20 септември остварија работни посети на општините Демир Капија, Неготино и Кавадарци.
Во Демир Капија тие беа примени од градоначалникот Тодор Тошевски, во Неготино разговараа со членот на Советот на општината Ленче Витановска и со службеното лице за посредување со информации од јавен карактер Александар Јованов, додека во општина Кавадарци разменија мислења со раководителот на Секторот за правни работи Ленче Чиркова.
Средбите беа искористени за размена на мислења околу првичните искуства од примената на Законот за слободен пристап до информации, и посебно околу потребата од негова доследна примена, со цел што поголем број граѓани да ги почуствуваат бенефитите што им ги овозможува тој.
Претставниците на споменатите општини информираа дека се запознаени со ЗСПИЈК, дека постои зголемен интерес на граѓаните за информациите од јавен карактер кои ги поседуваат, но тој засега е само вербален, бидејки досега во трите општини не е поднесено ниту едно единствено барање за пристап до информација од јавен карактер!
Во својство на иматели на информации од јавен карактер, општинарите, како што беше констатирано, само делумно ги исполниле обврските кои за нив произлегуваат од истиот, независно од постоењето на казнени законски одредби. Имено, обврската да назначи службено лице (согласно член 8 од ЗСПИЈК) досега ја исполнила само општина Неготино, додека во отсуство на официјално службено лице, во Демир Капија овие задачи во моментот ги извршува правникот на општината. Во Кавадарци нема службено лице, но очекуваат дека набргу ќе биде назначено, по спроведување на постапка за ново вработување.
Од друга страна, во сите три општини постојат посебни простории за прием на странки и листи на информации од јавен карактер истакнати на огласни табли, од кои граѓаните може да се информираат за бројни активности од делокругот на општините.
За поуспешна имплементација на ЗСПИЈК во нивните средини, претставниците на општините укажаа на потребата од организирање на обука на службените лица со асистенција на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер и други надлежни институции.