Подобрување на имплементацијата и примената на Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер, беше една од главните теми на дискусија на вчерашната тркалезна маса во организација на Фондацијата Институт отворено општество – Македонија и Фондацијата за одржливи информатички решенија „Метаморфозис“. Ова е втора по ред тркалезна маса, која овој пат беше посветена на медиумите.
„Идејата е да се види со што се соочувате во практиката вие, како најголеми консументи“, рече професорот од Правниот факултет д-р Борче Давитковски. Меѓу проблемите што беа презентирани се долгиот временски период кој им е даден на институциите за да ги понудат информациите за кои е пројавен интерес.
„Ако речам дека вчерашната вест е стара вест, не сум ја открил Америка“, нагласи претседателот на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, Јанко Николовски. Тој ја потенцираше важноста за побрзо добивање на информациите, посебно кога станува збор за дневното новинарство. „Овој закон го разјадува сензационалистичкото новинарство и го поттикнува професионализмот во оваа сфера“, рече Николовски.
Меѓу другите забелешки за законот беше и дали е потребно да се дава образложение за бараната информација. Според Давитковски, секој поединец има право да добие информација од јавен карактер без да понуди образложение. За организаторите на дискусијата вознемирувачки е фактот што во период од 11 месеци само еден новинар се обратил со жалба до Комисијата. Сепак, Законот не се однесува за информациите што се обележани како „државна тајна“ или „строго доверливо“, имено сите информации што се однесуваат на државната безбедност или на интерното функционирање на организацијата. За таа цел на трибината се организираше дискусија по повод Законот за безбедност на класифицирани информации.