Претставникот на Секретаријатот на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, Цветан Станоески, денеска гостуваше во Утринската програма на Телевизија „Сител“. Цел на гостувањето беше запознавање на пошироката јавност со преземените активности на Комисијата за подигнување на јавната свест и степенот на запознаеност на граѓаните со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, можностите кои произлегуваат од него, како и начинот на остварување на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер.
Македонскиот ТВ-аудиториум беше известен за досега реализираните обуки во општините Тетово, Гостивар, Куманово, Прилеп и во Велес, на кои обучувачи од Секретаријатот на Комисијата се ставија во функција на пошироко запознавање на граѓаните со погоренаведеното основно човеково и уставно загарантирано право.
Воедно, беа најавени трите следни работилници, кои се очекува да бидат реализирани во општинските сали на 17 јуни во Кочани, на 24 јуни во Кавадарци и на 30 јуни во Штип, при што до граѓаните од овие општини беше упатена покана за помасовна посета на истите.